На улиците на Рабат, главниот град на Мароко, денеска е одржан голем протест поради неодамнешната изјава на генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун за Западна Сахара.
Дел од медиумите наведуваат дека на протестот биле присутни неколку стотина илјадници луѓе, додека мароканските власти наведуваат дека во маршот учествувале три милиона луѓе.
При минатонеделната посета на бегалските кампови на југот на Алжир, Бан го употреби зборот „окупација“, зборувајќи за територијалниот статус на Западна Сахара.
Протетсот следуваше откако водечките марокански политички партии, синдикати и невладини организации ги повикаа граѓаните да излезат на улиците.
Обединетите нации со години се обидуваат да одржат референдум за независност на таа територија, која Мароко ја анектираше после повлекувањето на Шпанија во 1975 година, а наместо тоа Мароко предлага поширока автономија.