Министрите за финансии на 20-те најголеми светски економии (Г20) постигнаа „силен консензус“ на дводневниот состанок во Индонезија за прашања како што е глобалната безбедност на храната, но беа поделени во нивниот став за руската инвазија на Украина.
Американската министерка за финансии Џенет Јелен изјави дека поради разликите во ставовите, министрите за финансии и гувернерите на централните банки не дошле до конечна изјава, но се согласиле дека мора да дејствуваат поради влошувањето на безбедноста на храната.
Западните земји воведоа остри санкции кон Русија, која ја обвинуваат дека извршила воени злосторства во Украина, што Москва го негира.
Другите членки на Г20, вклучувајќи ги Кина, Индија и Јужна Африка, беа воздржани.
„Ова се предизвикувачки времиња бидејќи Русија е членка на Г-20 и таа поинаку ја карактеризира војната во Украина“, рече таа.
Гувернерот на централната банка на Индонезија, Пери Варџијо денеска ги повика земјите-членки да се фокусираат на целите за глобално економско закрепнување.
Аналитичарите велат дека неуспехот на министрите за финансии на Г-20 да постигнат договор за текстот на финалната декларација е одраз на слабоста на некогашната високо влијателна група.
„Ние сме без лидерство во светската економија со Г-20 парализирана од војната на Путин и Г7 кои не се способни да го преземат водството во управувањето со јавните добра“, рече Кевин Галагер, раководител на Центарот за развој на глобалната политика на Универзитетот во Бостон. (Global Development Policy Center).
Индонезискиот домаќин, министерката за финансии Шри Мулјани, која претседава со дводневниот состанок, изрази надеж дека делегациите ќе постигнат заеднички став за растот на цените на суровините, растечката криза поради несигурноста на храната и неможноста на земјите со ниски приходи да го вратат долгот.
Г-20 се обединија на почетокот на пандемијата на коронавирус, но иницијативите за усвојување мерки за ублажување на шокот за високо задолжените земји не дадоа резултати.
Извор: МИА