Членовите на францускиот парламент денеска со јасно мнозинство – 329 гласови за и 229 против, го усвоија предлог законот кој им овозможува на хомосексуалните парови да склопуваат брак и да посвојуваат деца, пренесува АФП. За да биде усвоен, законот допрва треба да биде изгласан и во Сенатот, горниот дом на парламентот.
Гласањето уследи 10 дена откако огромното мнозинство на пратеници гласаа во прилог на клучниот член на законот, со кој се дефинира бракот, не како договор меѓу маж и жена, туку помеѓу две лица.
Одлуката да се легализираат хомосексуалните бракови претставува најголема општествена реформа од укинувањето на смртната казна во 1981 година. Против неа, сепак, се конзервативците меѓу католичките верници, како и многу француски муслимани и членови на други христијански цркви.
Ако предлог законот на 2 април добие поддршка и во Сенатот, Франција ќе се приклучи на групата од 11 земји, меѓу кои се Белгија, Португалија, Холандија, Шпанија, Шведска, Норвешка и Јужна Африка, каде што истополните бракови се легализирани.
“Водевме голема и благородна борба”, изјави непосредно пред гласањето министерката за правда Кристијан Тобира, главниот промотор на законот познат како “брак за сите.”
Анкетите покажуваат дека меѓу 55 и 60 отсто од француските државјани ги поддржуваат истополовите бракови, а нешто помал процент, 50 отсто, поддржуваат хомосексуалните двојки да можат да посвојуваат деца.
Благодарение на мнозинство во парламентот, социјалистите на претседателот Франсоа Оланд успеаја да се справат со обидот за опструкција на пратениците од опозициските партии, особено на партијата на десниот центар УМП, кои поднесоа 5000 амандмани на предлог законот.