Последната несреќа која што се случи во зоолошката градина во Белград, кога волк нападна двегодишно девојче, не потсети на сите инциденти кои се случија во светот, а во кои главни „актери“ беа животните.
За жал некои жртви не успеаа да преживеат, додека повеќето од нив имаа среќа и поминуваа само со повреди.
Често се случуваше крволочните животни да ги нападнат вработените во зоолошките градини, своите хранители, иако се тврдеше дека до тогаш биле мирни и пред тоа чуварите немале проблеми со нив.
Се наметнува прашањето колку човекот навистина смее да им се приближи на опасните животни и дали е можно нивната природа некогаш да се припитоми.
Многу често се случуваше некој да падне од оградата во просторот каде што се наоѓаат животните и поради својата невнимателност да го доведе животот во прашање.
Во 2012 година во зоолошката градина Колмарден во Шведска, чопор од осум волци усмрти триесетгодишна чуварка. Таа сама влегла во делот за волци, поради што нема сведоци за оваа трагедија. Членовите на службата за спасување не сакале да ги ризикуваат и своите животи, поради што по нејзиното тело влегле дури откако волците заминале.
Истата година посетата на двегодишниот Мадокс Деркош и неговата мајка во зоолошката градина во Питсбург заврши трагично, бидејќи детето поради невнимание падна од заштитната ограда во просторот со африканските шарени кучиња. Под оградата од која момчето падна се наоѓа заштитна мрежа, но таа за жал не успеа да го задржи да не падне кај животните.
Во зоолошката градина во Саудиска Арабија тигар нападна четириесетгодишен работник додека го чистел кафезот. Колегите успеале да го извлечат пред животното да го растргне телото, но човекот им подлегнал на повредите.
Иста треагедија се случи во зоолошка градина во Шангај кога (56) чувар е убиен од тигар додека влегувал да го исчисти кафезот. Во септември минатата година, мајмун во зоолошката градина во Ѓијанг Квинлинг касна осуммесечно бебе, додека мајката му ги менувала пелените.
Сличен инцидент се случи и во зоолошката градина во Ратлам во Индија, кога разлутен мајмун нападна и искаса момче, нанесувајќи му бројни повреди по лицето и телото. За среќа таткото на детето и чуварот успеале да го спасат момчето од животното.
Една бизарна сцена се случи во кинескиот град Ченгду кога депресивниот Јанг Ѓинхај (27) се подарил себе си на крволочните животни. Тој го искористил моментот на невнимание на чуварите и скокнал во кафезот со тигри.
По посета на локалната зоолошка градина, Ѓинхај помислил дека е сурово и депресивно да се гледаат тигрите кои живеат до опкружување во кое се спречени да го развиваат својот природен инстинкт за лов и убивање. Меѓутоа набргу пристигнале чуварите кои успеале да го извлечат Ѓинхај од кафезот и на тој начин да му го спасат животот.
Е. Г.