Компаниите Фајзер и Бионтек соопштија дека нивната вакцина против Ковид-19 е речиси 91 процент ефективна во спречување на коронавирусот.
Повикувајќи се на ажурирани податоци од истражување, компаниите соопштија дека вакцината се покажала како 100 проценти ефективна во спречување на зараза со коронавирус кај учесници во студија во Јужна Африка, каде што доминира новиот вид на вирусот Б1351, иако бројот на учесници во студијата бил релативно мал – 800.
Новата стапка на ефикасност од 91,3 проценти е пониска од 95 проценти, како што првично беше објавено во ноември со 44.000 учесници во студијата, а оттогаш се појавиле голем број нови мутации на вирусот низ целиот свет.
Извршниот директор на Фајзер, Алберт Бурла, рече дека ажурираните резултати, кои вклучуваат податоци за испитување на повеќе од 12.000 лица вакцинирани најмалку шест месеци, им овозможуваат на Фајзер и Бионтек да поднесат барање за целосно одобрување во САД.
Вакцината во моментов е одобрена по итна постапка од американската Агенција за храна и лекови.
Резултатите од студијата „ги носат првите клинички резултати според кои вакцината може ефикасно да заштити од мутациите што циркулираат, што е клучен фактор за постигнување на имунитет на стадо и завршување на пандемијата“, изјави извршниот директор на Бионтек, Угур Сахин.
Експертите, сепак, стравуваат дека новите мутации на Ковид-19 од Јужна Африка и Бразил можат да бидат поотпорни на сегашните вакцини и лекови.
Повеќе од 300 случаи на јужноафриканската мутација се откриени во 25 американски држави, покажуваат американските федерални податоци.