Вакцината на Фајзер/БиоНТек против Ковид-19 е позната како една од најефикасните. Но, со неа постоеше проблем, кој според објавата на компанијата „Фајзер“, е веќе отстранет.
Имено, „Фајзер“ и „БиоНТек“ денеска и испратија на американската Агенција за храна и лекови (ФДА) податоци од студијата, во која се наведува дека оваа вакцина сепак не мора да се чува на исклучително ниски температури.
Познато е дека транспортот и складирањето на оваа вакцина против коронавирус на температура меѓу минус 80 и минус 60 степени Целзиусови, претставуваа голем логистички проблем за државите кои ги нарачуваа, бидејќи бара посебна опрема за ладење.
Според денешната објава на „Фајзер“ и „БиоНТек“, тоа сепак е непотребно, па нивната вакцина две недели може да се складира и транспортира на температури од минус 25 до минус 15 степени Целзиусови, односно во обични ладилници.
„Фајзер“ наведува во соопштението дека складирањето на вакцината на повисоки температури може да користи „како алтернатива или комплементарно решение за чување на екстремно ниски температури“.