Европскиот суд ја поддржа одлуката на Австрија за враќање на азилантите

Од:

Европскиот суд за човекови права одлучи денеска дека една членка на ЕУ може да ги врати бегалците во првата земја во која аплицирале за азил, дури и во случај на вонредни ситуации.

Ваквото толкување на прописите на ЕУ ќе ги задоволи Австрија и Словенија, кои и го покренаа целиот случај, но одлуката на Судот ќе погоди стотици луѓе кои се дојдени во земјите на Унијата за време на масовниот наплив на бегалци од Блискиот и Средниот Исток во текот на бегалската криза во 2015 и 2016 година.

Случајот по кој расправаше Судот за човекови права се однесува на две авганистански семејства и еден Сириец, кои побарале азил во Австрија, откако заминале од Хрватска.

Според ваквата одлука на Судот, сега хрватските власти ќе треба да одлучуваат за нивните случаи.

Во текот на 2015 година, повеќе од еден милион бегалци од воените судири, но и многу економски мигранти кои сакаа да се преселат во Европа минаа низ земјите на Западен Балкан, на патот кон ЕУ.

Одредбите на т.н. Даблинска регулатива предвидуваат бегалците да може да побраат азил во првата земја членка на ЕУ во која се нашле. Германија одлучи да ја суспендира оваа регулатива за сириските бегалци и престана да ги депортира во земјите од каде тие допатувале.

Австрија исто така се најде на удар на бегалскиот бран, кога некогаш и по неколку илјади бегалци влегуваа во земјата, прво преку Унгарија, а потоа и преку Словенија.

Голем дел од нив сакаа да продолжат кон Германија како крајна дестинација, но 90.000 одлучија да останат во Австрија и таму побараа азил.

Тоа претставува еден отсто од вкупното население на земјата, па австриските власти се определија за враќање на неколку стотици лица и придржувајќи се на Даблинската регулатива, ги испраќаа во Хрватска.

Судот сега го одобри тоа, определувајќи дека минувањето преку хрватската граница (кон Словенија и Австрија) мора да се третира како нерегуларно, според оваа регулатива. Ваквото решение на Судот е донесено само затоа што дозволата на една земја од ЕУ за влез на бегалците не значи обврска и за другите земји членки.

Ова и дава за право на Австрија да депортира во Хрватска стотици азиланти, иако разни хуманитарни организации и нивните адвокати објаснуваат дека тие луѓе не навлегле „диво и илегално“ на австриска територија.

Адвокатот на хуманитарната организација „Диакони“, Стефан Крамер, изјави дека луѓето биле „организирано префрлани од Македонија, а на австриската граница им бил дозволен влез врз основа на што подоцна побарале азил“.

Би можело да ве интересира

Голема лавина во Австрија: Четворица затрупани во снег, тројца мртви

Србин е уапсен во Австрија за силување жена

Селекторот на Австрија отстрани тројца играчи од тимот поради хомофобија

Tри борбени кучиња во Австрија убија жена, сопственичката на животните е осудена

Авганистанец е осомничен за убиството на три сексуални работнички во бордел во Виена

Горан Наумовски

За помалку од 24 часа во Виена се убиени четири жени и едно девојче