Едно лице загина изутринава, а најмалку 10 други, меѓу кои и четворица странски државјани, се ранети при експлозија на бомба во елитен трговски центар во главниот град на Малезија, Куала Лумпур.
Полицијата во Куала Лумпур уапси еден осомничен, а трага по група Малезијци за кои има сознанија дека ја подметнале бомбата.
Генерал на малезиската полиција денеска изјави дека, најверојатно, се работи за терористички напад мотивиран од конкурентски причини меѓу сопствениците на продавниците во суперлуксузниот трговски комплекс во Куала Лумпур, но не ја исклучи можноста нападот да е дело на радикалните муслимански групи.
Пред десет дена малезиската полиција уапси 19 припадници на екстремистичка исламска група која регрутирала луѓе за борбите во Сирија и Ирак, а по апсењето имало закани дека, ако не во исламскиот Калифат, „борците на Алах’’ ќе ја покажат својата сила и на домашен терен.
Во потрага по напаѓачите малезиската полиција побара помош и од колегите во Сингапур и Филипините, бидејки се претпоставува дека терористите ќе се обидат да го напуштат регионот преку Сингапур или да побараат засолниште во некој од камповите на малезиско-филипинската групација Абу Сајаф, лоцирани во прашумите на југот на Филипините.