Дванаесет од киднапираните лица се убиени во наоѓалиштето за гас „Ин Аменас“ во Алжир од почетокот на операцијата за нивно ослободување во четвртокот, а уште 30 се уште се држат како заложници од страна на исламистичките бунтовници, кои соработуваат со терористичката мрежа Ал Каеда, објави локалната новинска агенција, повикувајќи се на извори од безбедносните сили.
Според агенцијата, бројот на жртвите не е конечен и не потврди колку од нив се Алжирци, а колку странски државјани.
Ситуацијата во наоѓалиштето за гас во алжирската пустина и понатаму е тензична. Освен САД и Велика Британија, уште две држави, Норвешка и Јапонија, ги сметаат неколку свои државјани како исчезнати.
Некои од исчезнатите заложници веројатно се кријат во комплексот, сметаат воените извори. Во меѓувреме, исламистите соопштија дека се уште држат седум странски државјани како заложници.
Алжирската агенција претходно јави дека 18 од околу 30-те терористи, кои го нападнаа нафтениот комплекс, се ликвидирани.
Советот за безбедност на ОН „најрешително“ ги осуди терористичките дејствија на исламистичките бунтовници во Алжир, кои киднапираа стотици вработени во „Ин Аменас“.
Во соопштението до медиумите, Советот ги повика земјите-членки на светската организација „активно да соработуваат“ со алжирските власти, со цел да се откријат и казнат виновниците за овој дрзок напад.
СБ на ОН им изрази сочувство на блиските на загинатите и повредените. Членовите на СБ ја потврдија својата подготвеност „да се борат против сите облици на тероризам, кој е една од насериозните закани за меѓународниот мир и безбедност“.
– Сите чинови на тероризам се злосторства и не можат да бидат оправдани, независно од нивниот мотив и од тоа кога, каде и кој ги извршил, нагласија членовите на СБ.
Според последните податоци, безбедносните сили досега успеале да ослободат повеќе од 600 лица, од кои околу 70 се странци.
Екстремистите поставуваат услов да бидат ослободени двајца радикални исламисти, кои се наоѓаат во американски затвори.