Вакцината против Ковид-19 на Фајзер и Бионтек веројатно ќе понуди силна заштита од потешка форма на оваа болест предизвикана од новиот сој на коронавирусот Омикрон, најави извршниот директор на Бионтек, Угур Сахин.
Тој потврди дека е направена лабораториска анализа на крвта кај луѓе кои примиле две или три дози од вакцината на Фајзер/Бионтек, што во следните две недели ќе одговори дали нивните антитела се ефикасни против Омикрон или дали се потребни нови вакцини.
– Сметаме дека е веројатно дека луѓето кои ја примиле оваа вакцина ќе имаат значителна заштита од тешки форми на болеста предизвикани од Омикрон, рече Сахин.
Тој објасни дека тешка форма на болеста значи онаа која бара болничка или интензивна нега и очекува дека лабораториските тестови ќе покажат послаба ефективност на вакцината во смисла да спречи благи и умерени форми на болеста поради Омикрон, но дека е тешко во овој момент да се предвиди во кој степен ќе биде.
Сахин, исто така, рече дека неговата компанија Бионтек забрзано работи на подобрена верзија на својата вакцина, иако сè уште не е познато дали тоа ќе биде неопходно.
Научниците од британскиот Универзитет во Оксфорд денеска изјавија дека нема докази оти анти-ковид вакцината нема да спречи посериозен тек на болеста предизвикана од омикрон, но и дека се подготвени брзо да развијат модифицирана верзија на вакцината со компанијата Астра Зенека, ако е потребно.
Извршниот директор на Модерна, Стефан Бансел претходно рече дека вакцините против ковид најверојатно ќе бидат помалку ефикасни против Омикрон.