Главниот детектив на случајот на параолимпиецот Оскар Писториус, по исклучувањето од истрагата поради влијание врз местото на несреќата, сега се соочува и со обвинение за обид за убиство во 2009 година поради отворање оган врз минибус во кој се наоѓале седум лица, изјави денеска портпаролот на јужноафриканската полиција.
Портпаролот Невил Малила изјави дека детективот Хилтом Бота, кој сведочел на овонеделното судско сослушување за случајот Писториус, требал да се појави на суд во мај.
Според јужноафриканските медиуми Бота бил обвинет дека во 2009 година отворил оган врз минибус, кој не ја почитувал неговата наредба да застане. Обвинението против него е повлечено, но вчера повторно е обновено, изјави Малила, без да изнесе повеќе детали.
По сведочењето на првото судско рочиште за случајот, Бота е обвинет дека влијаел на местото на несреќата во домот на Писториус.
Главниот адвокат на обвинителството Бери Ру ја обвини полицијата за пропусти и грешки во текот на истрагата.
Бота најпрво пред судот изјави дека при претресот во домот на Писториус е пронајден допинг. Одбраната на изјавата на Бота дека станува збор за мали дози тестостерон, нагласи дека е премногу рано да се даваат заклучоци додека не стигне лабораториската анализа, како и дека станува збор за хербални производи, а не недозволени допинг супстанци.
Адвокатите на одбраната целосно го срушија кредибилитетот на детективот, поради што тој мораше да признае дека полицијата лошо го извршила увидот на местото на несреќата. Тимот на одбраната при поверката на местото на несреќата во тоалетот откриеле чаури што првично Бота не ги забележал, а го обвини детективот дека на местото на злосторството дошол со „незаштитени обувки“.