„Дејли Експрес“: Франција сака да ги истера имигрантите во Британија

Од:

Кризата со имигрантите во реонот на градот Кале на француската страна од каналот Ламанш, предизвика „медиумска војна“ меѓу Лондон и Париз, иако двете влади настојуваат да изнајдат решение за ситуацијата во која секоја вечер големи групи имигранти се обидуваат да се прошверцуваат низ тунелот под морското дно за да се префрлат во Велика Британија.

Лондонскиот весник „Дејли Експрес“ ги обвинува денеска француските власти дека не се трудат доволно за да се реши кризата кај Кале.

– Франција сега сака да ни ги прати сите имигранти, директно во Кент (во југоисточна Англија), пишува овој весник, кој е познат по својата евроскспетичност и антиимигрантската определеност.

Весникот минатата недела ја повикуваше британската Влада да ја покрене војската, испраќајќи ја во Кале за да стави ред и да спречи, како што пишуваше овој таблоид, „имигрантската инвазија на Британија“.

Неколку други лондонски весници, исто така, повикуваа да се ангажира британската армија, но не за да ја брани територијата на Велика Британија, туку за да помогне во ставење ред во Кент и во јужна Англија, кои се „задушени“ од шесте илјади камиони што чекаат по патиштата за да се префрлат во Франција, а од таму низ Европа.

Сето тоа, меѓутоа, ги налути Французите, па пролевичарскиот „Монд“ револтирано реагираше дека Франција полека се претвора во „британски полицаец“, кој ја чува Велика Британија од имигрантите, согласувајќи се со позицијата на повеќе француски медиуми за тоа – зашто имигрантскиот камп во Кале не е на другата страна од Каналот, во градот Довер.

Проконзервативниот лондонски „Дејли телеграф“ ги отфрла ваквите критики, а посебно реагира на забелешките од Франција дека „Велика Британија е виновна за случувањата во и околу Кале“.

Според француските гледања, нивната земја „плаќа висока цена“ поради британското одбивање да се приклучи во Шенген зоната и го блокира слободното патување низ земјите внатре во ЕУ.

Француските медиуми, чие пишување го пренесуваат весниците во Лондон, обвинуваат дека Британците не сакаат да воведат лични карти и да утврдат колкав е бројот на илегалците, тврдејќи дека десет проценти од британската економија го сочинуваат илегалните имигранти од кои таа профитира.

Поранешниот франциски министер за вработување Ксавиер Бертран, кој беше во владата во време на претседателот Никола Саркози, остро ги осуди написите во Лондон во кои се „навредува“ Франција и посебно оние во кои се бара британска војска во Кале.

Бертран, кој сега важи за еден од „посилните“ претседателски кандидати за следните избори во Франција, побара повлекување на Париз од француско-британскиот договор од 2003 година, со кој е уредено британската погранична контрола да биде на територијата на Франција, додека француската во Велика Британија.

Без ваквиот договор „проблемот“ кај Кале ќе се префрли на британската страна, која ќе мора да се справува со напливот имигранти и азиланти.

Француските медиуми обвинуваат дека Британците ги „наградуваат“ имигрантите, давајќи им пари во готовина од 36,5 фунти за секој барател за азил. Франција не дава ништо, иако има регистрирано двојно повеќе апликанти за азил од Велика Британија.

„Дејли телеграф“ прифаќа дека тоа ги привлекува имигрантите да се префрлаат во Велика Британија, за да користат разни социјални бенефиции, но тоа го истакнува како британска хуманитарна предност и, сепак, бара од француските власти да ги блокираат сите приоди од „дивиот камп“ кај Кале за да се спречат имигрантите од Азија и Африка илегално да влегуваат на британска територија.

Владата во Лондон која е во постојан контакт со Париз околу сегашната криза, секоја година одделува финансиска помош за одржувањето на кампот во Кале, што за Ксавиер Бертран е недоволно. Овој француски политичар смета дека поважно од парите е „политичката штета“ што ја трпи Франција со ширењето на антиимигрантското расположение во земјата и со забразаниот раст на крајната десница.

Би можело да ве интересира

Гевгеличанец и пакистанец шверцувале Kинези во Македонија

Анита Петровска Рајковиќ

Младо момче најавило самоубиствен напад за време на Олимписките игри во Париз

Франција ќе ја зголеми безбедноста пред синагогите и верските училишта

Орбан: Закован е уште еден клинец во ковчегот на Европската унија

Едно лице загина, а најмалку едно е рането во напад со нож во Бордо

Откриен е мистериозен тунел во близина на париски затвор