Шефот на ЦИА, Вилијам Барнс, и шефот на британската разузнавачка служба, Ричард Мур, излегоа од вообичаената тајност на работењето на нивните служби, сакајќи јасно да стават до знаење дека за вредностите и интересите на либералната демократија на Западот, сега, во изменетиот свет, од клучно значење е да се справат со обидот на Русија да доминира барем со дел од Украина и да се соочат со главната закана – Кина.
Кина е во подем на економски, технолошки и воен план и сака да го преуреди светскиот поредок на свој начин, велат Барнс и Мур, кои првпат проговорија во јавноста, давајќи интервју за бриселскиот портал „Политико“.
Во своето излагање пред дипломатско-разузнавачката елита на британскиот институт Дичли, Барнс го истакна големото значење на блиската соработка меѓу ЦИА и МИ6 и нагласи дека „периодот после студената војна е целосно завршен“ и рече дека тие заедно со нивните сојузници и партнерите, сега треба да им гарантираат на идните генерации „свет кој ќе биде слободен, отворен, безбеден и свет на подобрување“.
„Успехот во ова зависи од тоа како ќе се справиме со три предизвици.. првиот е стратешкото ривалство со амбициозната и растечка Кина, како и Русија, која постојано нè потсетува дека силите кои ја губат моќта можат да бидат исто толку поразителни како и оние во подем“ , презентираше шефот на ЦИА.
„Вториот предизвик се, вели Барнс, „проблемите без пасош, како што се климатските кризи и глобалните пандемии, кои се надвор од дофатот на која било земја и стануваат сè поакутни и од значење за животот и опстанокот“.
Сличен став за состојбата и проблемите во светот даде и Мур, а и двајцата предупредуваат дека третиот голем предизвик за светот е исто така „технолошката револуција која го менува нашиот начин на живот, работа, борба и конкуренција“ и укажуваат на голема сомнежи и нервози од неконтролираната примена на вештачката интелигенција.
„И тоа со себе носи можности и опасности кои сè уште не сме ги виделе“, истакна Барнс, нагласувајќи дека трите предизвици со себе носат конфликти, како и неизбежноста на глобалната соработка, но и големо ривалство во совладувањето на технолошката револуција.
Шефот на МИ6 и шефот на ЦИА се согласуваат дека „непосреден и најжесток геополитички предизвик за меѓународниот поредок е инвазијата на Владимир Путин на Украина“.
Мур вели дека треба да се разберат сомнежите за досегашната неуспешна украинска контраофанзива против руските сили и стравот од руски контранапад и затоа „тоа е тежок потфат и украинските власти и војници не отстапуваат.. а Русите поставија одбрана која е многу тешко да се скрши“.
Мур дозволува и можност за мировни преговори, тој вели дека „никој не сака да го понижи Путин и големиот руски народ..повеќето конфликти завршуваат со преговори, но за тоа треба да одлучи Украина, а не ние“. Тој повторува дека ставот на западните сојузници и помагачи на Украина е дека Киев преговара од позиција на сила.
Барнс, кој беше и американски амбасадор во Москва, истакнува дека „потрошил повеќе од две децении обидувајќи се да ја разбере и да се спротивстави на запаливата мешавина на чувства на неправда, амбиција и несигурност што ја носеше Путин“.
„Но, научив и лекција“, рече тој, „дека не треба да се потценува опсесијата на Путин да ја контролира Украина, бидејќи тој веруваше дека без неа Русија не може да биде голема сила, а тој не може да биде голем руски лидер“.
Шефот на ЦИА подвлекува дека „Украинците покажаа дека нема да отстапат, исто како и сите кои ја поддржуваат Украина“.
Заклучокот на Барнс е дека „војната на Путин веќе се претвори во стратешки неуспех на Русија, нејзината воена слабост излезе на виделина, нејзината економија е колабирана многу години, нејзината иднина е да биде помал партнер и економска колонија на Кина.. НАТО стана уште посилен“.
Шефот на ЦИА смета дека бунтот на паравоената формација „Вагнер“ и „корозивниот ефект на војната на Путин врз неговото општество и неговиот режим“ укажуваат на тоа.
Водачите на американските и британските разузнавачки служби се согласуваат дека за Западот Кина е далеку поголем предизвик од Русија, „која е единствената земја што сака да го преобликува меѓународниот поредок и истовремено да ја зголеми својата економска, дипломатска, воена и технолошка моќ. ”
Трансформацијата на Кина во изминатите пет децении е восхитувачка, велат Барнс и Мур, но тие веруваат дека големата моќ што ја стекна претседателот Кси Џинпинг „наместо да се користи за зајакнување на меѓународниот поредок што ја овозможи кинеската трансформација, сега е насочена кон нејзино преобликување. ” .
Брнс, исто така, заклучува дека „невозможно е да се игнорира фактот дека во ова ново време нашето ривалство расте врз основа на економската меѓузависност и трговските врски“.
Шефот на ЦИА смета дека тоа доведе до „стратешки зависности, критични ранливости и сериозни закани за нашата безбедност и напредок..но би било лудо да ги прекинеме врските со економија како Кина, веќе мораме значително да ги намалиме опасностите, да обезбедиме синџири на снабдување, заштита на нашиот технолошки развој и инвестирање во индустриски капацитети“.