Претседателот на Алжир, Абделазиз Бутефлика победи на вчерашните претседателски избори, обезбедувајќи се четврти петгодишен мандат на функцијата, соопшти денеска алжирскиот министер за внатрешни работи Тајеб Белаиз.
Според конечните резултати, 77-годишниот Бутефлика освоил 81,53 проценти од гласовите, пред неговиот главен противкандидат Али Бенфлис, кој добил 12,18 отсто.
Одѕивот на изборите, кои ги бојкотираа најголемиот број опозициски партии, бил 51,7 проценти.
Бенфлис уште синоќа обвини за сериозни нерегуларности и манипулации на изборите и најави дека нема да ги признае резултатите.
На изборите во 2009 година Бутефлика стана претседател со околу 90 отсто освоени гласови, во 2004 со 85, а во 1999 година со 75 проценти од гласовите, при значително повисок одѕив.