По проценката на Европската агенција за лекови, ЕМА, вчера дека Астра Зенека сепак е поврзана за ретки нус појави кои можат да предизвикаат тромбоза, Европската Комисија сака да види обединет став во земјите членки на ЕУ.
За сега секоја земја членка сама одлучува дали и како ќе ги користи вакцините, вклучително и Астра Зенека. Некои земји ја ограничуваат употребата под 55-годишна возраст, други под 60- годишна, некои целосно ја суспендираа во исчекување на повеќе детали.
Здравствената политика во ЕУ е национална надлежност и секоја земја е целосно слободна во своите одлуки, но проблемите со АстраЗенека предизвикаа голема конфузија кај граѓаните и Европската Комисија ги повика националните власти во 27-те земји членки да се координираат.
Еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес, вчера на Твитер ја повтори оваа порака откако оствари средба со министрите за здравство на ЕУ по прес конференцијата на ЕМА.
„Искуството со Астра Зенека покажа дека нашиот систем на фармаковигилентност функционира, но суштински е да следиме координиран пристап ширум ЕУ. Мораме да зборуваме со еден глас во ЕУ за да ја зголемиме довербата на јавноста во вакцинацијата“, порача Кириакидес.