Главниот обвинител на Хашкиот трибунал Серж Брамерц денеска ги повика балканските лидери да работат на помирувањето, на патот кон Европската унија, и да престанат со долгогодишната реторика која ги следеше војните од 1990-тите години и која создава раздор, јави Танјуг.
Брамерц го испрати апелот до балканските лидери на две недели пред пресудата за Радован Караџиќ, обвинет за геноцид и воени злосторства во текот на судирот на Балканот, која треба да му биде изречена во Хашкиот суд на 24 март, пренесуваат француските медиуми.
Главниот обвинител на Трибуналот изрази разочарување од натамошните поделби меѓу бошњачката, српската и хрватската заедница.
– Едно од моите најголеми разочарувања е тоа што многу политички лидери и натаму ја користат реториката која е блиска до некои изјави од минатото, рече Брамерц пред новинарите, додавајќи дека тоа „не би го очекувал од одговорни политичари кои се радуваат на придружувањето кон европскиот проект“.
Брамерц оцени дека „херојското добредојде“ за осудените воени злосторници по враќањето во нивните домови или негирањето на геноцидот во Сребреница од страна на некои лидери во Република Српска „само може да има многу негативно влијание врз целокупниот процес на помирување“.
Признавајќи дека политичката реалност е сложена, Брамерц кажа дека многумина и натаму одбиваат да го прифатат тоа што се случило и нагласи дека земјите имаат обврска да постапуваат во склад со одлуките и прописите на судот.
Тој истакна дека земјата која сака да се придружи кон ЕУ мора да почитува извесен број правила, од кои едно е правило на законот, а второто е почитување на судската одлука.
– Се додека во БиХ имате три различни учебници по историја за српската, хрватската и бошњачката заедница, со комплетно различни оценки не само за војните, туку за последните 200 години, значи доколку општеството не може да се усогласи за заедничката историја, како тогаш мислите да тргнете напред, додаде Брамерц.