Поранешниот американски државен секретар Ентони Блинкен изнесе анализа за падот на глобалното влијание на Соединетите Американски Држави, оценувајќи дека актуелната администрација направила сериозни стратешки грешки. Според него, САД го губат статусот на кредибилен светски лидер, додека Кина добива сè поголема доверба на меѓународната сцена.
Според Блинкен, поддршката за Соединетите Држави „целосно се урива на многу места и на различни начини“. Тој смета дека САД повеќе не се доживуваат како лидер со кого другите земји сакаат да соработуваат и кого сакаат да го следат. Притоа, посочи дека анкетите покажуваат оти Кина денес се смета за посигурен партнер.
Како пример ја наведе Германија, за која тврди дека САД сега ги гледа како противник. Додаде дека слични резултати се забележуваат и во други европски земји, како и во Јужна Кореја и Јапонија.
Блинкен се осврна и на воената стратегија на Вашингтон. Иако американската војска, според него, ги исполнува задачите што ѝ се поставуваат, проблемот го гледа во самите мисии.
„Проблемот е во самата задача – не ја осмисливме доволно и не поставивме јасни и остварливи цели“, изјави тој.
Според Блинкен, ваквиот пристап доведува до голем јаз меѓу тактичките успеси и стратешките резултати.
„Можеби ќе постигнете тактички успеси, како соборување на ирански проектили, но стратешки ја губите војната“, нагласи тој.
Поранешниот државен секретар беше особено критичен кон позицијата на американскиот претседател, оценувајќи дека се наоѓа во безизлезна ситуација.
„Сега сме во ситуација во која се чини дека претседателот е притиснат во агол од кој не може да излезе“, рече Блинкен, додавајќи дека некои аналитичари тоа го опишуваат како „стапица на ескалацијата“.
Тој смета дека претседателот се обидува да најде излез од позицијата во која самиот се довел.
„Бара излез, но не успева да го пронајде“, изјави Блинкен.
На крајот оцени дека клучниот проблем е тоа што претседателот „не може да ја прифати реалноста дека создал сосема нова ситуација, која не постоела пред оваа војна“.
