Би-Би-Си: Лидерите на авторитарните режими заминуваат од власт со украдени државни пари

Од:

Лидерите на авторитарните и на диктаторските режими, најчесто заминуваат од власта со украдени државни пари, а не ретко и без да одговараат за ограбувањето на државата со која управувале, пишува Би-Би-Си.

Последен таков случај беше доскорешниот претседател на Гамбија, Јахја Џамех, кој по интервенцијата на Заедницата на западноафриканските држави, беше присилен да му ја предаде власта на новоизбраниот претседател.

По заминувањето од функцијата на Џамех, кој сега престојува во егзил во Екваторијална Гвинеја, новите власти открија дека во државната каса недостигаат 11 милиони долари, за кои тврдат дека ги зел поранешниот претседател

Некогашниот нигериски лидер Сани Абаче, кој управуваше со најнаселенената држава во Африка од 1993 до 1998 година, е обвинет дека украл меѓу една и пет милијарди долари, преку лажни државни фондови.

Во 2014 година, американското Министерство за правда успеа да „замрзне“ околу половина милијарда долари од украдените нигериски пари.

На листата од десетина вакви лидери, како еден од најалчните Би-Би-Си го посочува поранешниот индонезиски претседател Сухарто, кој со Индонезија управуваше од 1967 до 1998 година. Во овие 31 години минати на власт, тој се товари дека ги „исчистил“ фондовите на државата за 35 милијарди долари.

Во 2000 година Сухарто беше уапсен и обвинет за грабеж на 600 милиони долари, но наместо во затвор беше префрлен во домашен притвор. Тој не беше изведен на суд поради нарушено здравје, по што почина истата година.

Претседателот на некогашен Заир, сега ДР Конго, Мобуту Сесе Секо беше обвиинуван за грабеж на пет милијарди долари за време на неговите 32 години на власт, што меѓународната јавност ги оквалификува како едни од најбруталните и најкрвавите во оваа африканака земја.

На Филипините, за грабеж беа обвинети Фердинанд Маркос. кој 21 година брутално управуваше со оваа земја, како и неговата сопруга Имелда, која беше посочувана како единствена во светот која има повеќе од три илјади чивта чевли од најпознатите светски марки. Брачната двојка беше обвинувана за грабеж на десет милијарди долари.

По неговата смрт, од банките во Швајцарија на Филипините беа вратени 700 милиони долари.

Поранешниот јеменски претседател Али Абдулах Салех, се претпоставува дека има украдено далеку најмногу – дури околу 60 милијарди долари – за време на неколкуте децении минати како лидер на Јемен, каде и сега се води граѓанска војна меѓу локалните сунити и шиити, зад кои стојат Саудиска Арабија и Иран.

Финансиски експерти проценуваат дека Салех, кој сега е во прогонство, во годините на власт украл пари колку што изнесува целиот бруто домашен производ (БДП) на земјата.

Во текот на „арапската пролет“ од власт беа соборени, долгогодишниот египетски претседател Хосни Мубарак и претседателот на Тунис, Бен Али. Двајцата во своите земји беа судени и за грабеж.

Мубарак и неговите двајца синови се обвинети дека за само осум години, успеале да присвојат 17 милиони долари. Тие ги отфрлаат таквите обвинувања, но тројцата беа осудени за злоупотреба на државните фондови на затворски казни меѓу три и пет години.

Соборениот туниски претседател Бен Али, пребега во Саудиска Арабија, уште пред да биде уапсен од новите исламски власти во Туни, по превратот во 2011 година. Во отсуство тој беше осуден на 35 години затвор за грабеж на државните фондови.

Во текот на истрагата во една од неговите бројни вили биле откриени накит и државни пари кои се проценети на 27 милиони долари.

Во Европа, како пример за поврзување на авторитарен режим и грабеж на државни пари, се посочува поранешниот српски лидер Слободан Милошевиќ. Тој беше обвинет и суден во Хаг за предизвикување војна и геноцид, но во Србија го обвинуваа за грабеж на пари од државните фондови во износ од меѓу една и четири милијарди долари.

Би можело да ве интересира

Можно примерје ако Израел ги прифати условите на Хамас

А1он

Светските медиуми испратија писмо до израелските власти, меѓу нив BBC, CNN, AFP

Четири лица загинаа во ураганот што го погоди југот на Русија

Во случајот со водителот на Би-Би-Си нема кривично дело, тврди лондонската полиција

Скандал во Би-Би-Си: Познат водител е манијак, го криеле неговото име додека не проговори неговата сопруга

Хашкиот суд издаде налог за апсење на Путин

Горан Наумовски