Главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние изјави дека следните неколку дена ќе бидат важни за договорот со Велика Британија да може да стапи во сила на 1 јануари 2021 година.
– Наша одговорност е на овие разговори да им ја дадеме секоја можна шанса за успех. Никогаш порано не се преговарало за таков сеопфатен договор на толку транспарентен начин и за толку кратко време, напиша Барние на Твитер.
Откако претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и британскиот премиер Борис Џонсон вчера се согласија да продолжат преговорите и напорите за постигнување решение за идните односи со Велика Британија и после претходно утврдениот „краен рок“ за договор, Барние утрово ги информираше претставниците на земјите-членки на ЕУ за моменталната состојба во преговорите.
Разговорите меѓу главните преговарачи на Брисел и Лондон, Мишел Барние и Дејвид Фрост, продолжуваат денеска во Брисел.