Барние: Потребно ни е повеќе време за да постигнеме договор за Брегзит

Од:

Потребно ни е многу повеќе време за да постигнеме договор за Брегзит, изјави денеска главниот преговарач на ЕУ Мишел Барние.

Сепак, тој вети дека ќе се работи спокојно и трпеливо на постигнување договор.

– Работевме многу со британските делагации во текот на изминатите седмици, со денови и ноќи, за да постигнеме сеопфатен договор за повлекувањето на Велика Британија од ЕУ, изјави Барние пред почетокот на средбата на врвот на Унијата, потенцирајќи дека договор се уште не е постигнат.

– Потребно ни е време. Потребно ни е многу повеќе време. Ќе продолжиме напорно да работиме и во следните недели, истакна тој.

Германската канцеларка Ангела Меркел вети дека ќе стори се што може за да помогне на Европската унија да постигне договор со Велика Британија.

При пристигнувањето на средбата на врвот, Меркел истакна дека посакува „добри односи со Велика Британија“.

– Ќе бевме среќни ако беше постигнат договор. Наместо тоа, ние сме подготвени 90 проценти. Но, јас ќе се занимавам со прашања во добар дух и ќе пробам сè за да постигнеме договор. Тоа би било најдобро решение за двете страни, рече Меркел.

– Не сме толку далеку од договор, рече францускиот претседател Емануел Макрон.

– Постигнавме голем напредок за Брегзит, сега е време да постигнеме договор, истакна францускиот претседател.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц, чија земја е ротациски претседател на ЕУ, изрази надеж дека договор ќе биде постигнат во текот на следните седмици или месеци.

– Нема причина за драматизирање на ситуацијата за Брегзит, ништо не укажува дека преговорите ќе пропаднат, рече Курц, дополнувајќи дека на денешната средба би поздравил и мал чекор во вистинска насока.

Претседателот на Европралементот Антонио Тајани рече дека за ЕУ единствено можно е да поддржи договор за излегување на Велика Британија доколку бидат договорени трите клучни точки.

– Прво, сакаме да ги одбраниме правата на граѓаните на ЕУ кои живеат во Велика Британија. Второ е прашањето за пари. Мислам дека постои договор за тие две прашања. Трето, клучно прашање е границата меѓу Северна Ирска и Република Ирска, изјави Тајани во Брисел.

– Без договор за сите три клучни прашања не е можно да поддржиме договор, изјави претседателот на Европарламентот.

Британската премиерка Тереза Меј изрази уверување дека договорот за Брегзит е остварлив, и покрај ќор-сокакот околу северноирската граница.

– Верувам дека сите што се на масата сакаат да се постигне договор и со интензивно работење можеме да го постигнеме тој договор. Верувам дека договорот е можен и сега е време да се случи тоа, рече Меј во Брисел, пред разговорите со нејзините 27 колеги од ЕУ.

– Има повеќе разлики во врска со прашањето за границата на Северна Ирска. Доколку интензивно работиме заедно, верувам дека можеме да ги решиме овие прашања, додаде таа, истакнувајќи дека „значителен” напредок е постигнат во последниве недели.

Едно од најтешките поглавја во преговорите за напуштањето на ЕУ на Велика Британија е границата помеѓу Република Ирска, членка на ЕУ и Северна Ирска, дел од Велика Британија.

За ЕУ е важно да се сочува интегритетот на внатрешниот европски пазар, односно стандардите кои ги наметнува ЕУ за своите производи и услуги, но истовремено е важно да не се појави тврда граница на ирскиот остров заради економски и историски причини.

Би можело да ве интересира

Амбасадорите на ЕУ се согласија да стават уште четири руски медиуми на листата на санкционирани

Британски министер за одбрана: Лондон му дозволи на Киев да го нападне Крим со нашето оружје

Стано: ЕУ очекува новите власти на Северна Македонија да продолжат со успешниот пристапен пат

ЕУ: Замрзнатите руски средства ќе се користат за воена помош за Украина

ЕУ постигна договор за користење на замрзнатите руски средства за воена помош за Украина

Писонеро: ЕУ очекува сите политички сили во Македонија да го поддржат напредокот на европскиот пат

Орце Костов