Поранешната портпаролка на обвинителството на Хашкиот трибунал, Флоренс Артман е пуштена денеска на слобода, јави Танјуг.
– Мошне сум уморна, целосно исцрпена и шокирана, но чувствувам големо олеснување што не сум во затвор и подготвена сум да се борам, рече Артман по шест дена поминати во притворот во Шевенинген, јави Танјуг.
Хашкиот трибунал објави вчера дека на поранешната портпаролка на Обвинителството Флоренс Артман и е одобрено предвремено пуштање на слобода и наведе дека „одлуката ќе стапи во сила, штом тоа практично ќе биде можно“.
Во соопштението од Хаг се наведува дека во одлуката за привремено ослободување на Артман „е земено предвид нејзиното примерно однесување во Притворската единица на ОН и тоа што отслужила две третини од казната“.
Наведено е дека посебно е разгледувана жалбата на Артман во врска со условите во Притворската единица на ОН и оти претседателот на Судот Теодор Мерон ја оценил жалбата како неоснована.