Најмалку 81 лице се убиени за време на опсадата на постројката во Алжир, каде што се пронајдени десетици тела, но се уште не е утврдено дали станува збор заложници или екстремисти.
По вчерашната акција на армијата, еден безбедносен извор соопшти дека за време на четиридневната “заложничката криза” убиени се 32 милитанти и 23 заложници, а денес се пронајдени уште 25 тела кои се во процес на идентификација, објави АП. Покрај тоа, еден романски државјанин, кој беше евакуиран жив, во меѓувреме почина.
Алжирските сили упаднаа вчера во постројката со цел да се стави крај на четиридневната драма и да се избегне, како што изјавија официјални лица, исламистичкиот заговор за кревање во воздух на целиот комплекс и убивањето на сите заложници.
Армијата го пребарува објектот во потрага по експлозив кој екстремистите, се претпоставува, го поставиле порано.
Меѓу убиените заложници има американци, британци, французи и Филипинци.
Од гасната централа се спасени 107 странци, а алжирските власти претходно објавија дека 685 алжирски работници успеале да избегаат, без да прецизира колку од нив се водат за исчезнати.
И понатаму е неизвесна судбината на повеќе од 20 странски државјани.
Претходно денеска во просторот на гасната постројка беа пронајдени живи шест екстремисти.