Триесетина алжирски работници, кои биле меѓу заробените во рафинеријата во југоисточните делови на Алжир, успеале да им побегнат на киднаперите од една милитантна исламистичка група поврзана со Ал Каеда, кои насилно влегле во овој комплекс за преработка на гас, земајќи ги како заложници сите домашни и странски работници, тврди британсаката Скај телевизија, повикувајќи се на извори во алжирската Влада.
Информацијата доаѓа по признанието на британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг дека Форин Офисот се уште не знае колку Британци воопшто има меѓу заложниците. Еден британски работник, како и еден Алжирец беа убиени при вчерашниот напад на милитантите, а засега се знае дека двајца британски работници биле повредени.
Индустрискиот комплекс, со кој заеднички управуваат британската БП и норвешката компанија Статоил, се наоѓа до самата либиско-алжирска граница, во реон богат со нафта и гас. Во него работат голем број странци, па меѓу заложниците се верува дека има работници од Велика Британија, Франција, САД, Норвешка и Јапонија.
Алжирската Влада соопшти дека нема намера да преговара со киднаперите и испрати воени и полициски сили кои веќе целосно го имаат блокирано индистрискиот комплекс. Киднаперите инсистираат дека нема да ги ослободат заложниците се додека трае воената интервенција во Мали.