На денешното рочиште за „Тортура“ кое се одвиваше без присуство на јавноста како доказен материјал од Специјалното јавно обвинителство бил презентиран видео запис кој е поврзан и со случајот „Кампања“ за кој лидерот на ОМ, Љубе Бошкоски одлежа 5 години затворска казна.
Според адвокатот на Бошкоски, Константин Кратовалиев, постои можност овој видео запис кој е пронајден од страна на СЈО намерно да бил чуван во тајност што претставува кривично дело затајување на докази.
– Симптоматично е тоа што го видовме на видео материјалот, крим техниката направила видео материјал кој што во времето кога се одвиваше предметот „Кампања“ требал да биде презентиран пред истражниот судија. МВР го поседувала материјалот, а истражниот судијата морал да го евидентира како таков. Не би сакал однапред да коментирам, но факт е дека сега обвинителството треба да се позанимава со ова без разлика што тој предмет е завршен. Треба да се види каде затаиле институциите дали е тоа во рамките на МВР кој овој видео материјал не го доставил до истражниот судија, дали истражниот судија не го проследил до обвинителството или пак самото обвинителство не го проследило до судот, вели Кратовалиев.
Адвокатот на Бошкоски истакна дека овој видео запис кој воопшто го нема во ниту еден од записниците од рочиштата за случајот „Кампања“ можел да фрли поинаква светлина на целиот предмет.
– Несфатливо е како е возможно институциите на системот да го стават во бункер тој дел од доказниот материјал кој сега го видовме факт е дека во самиот предмет во записниците никаде не постои видео запис направен од страна на крим техника на самото лице место, повтори Кратовалиев по што додаде дека за понатамошната постапка поврзана со видео материјалот ќе се консултира со неговиот клиент Бошкоски.
Виктор Јованов