Предизборна манипулација или уште една година безуспешни обиди скопјани да добијат бесплатен јавен превоз – Ветувањето кое во програмата на градоначалничката Данела Арсовска беше дадено дека ќе се исполни во првите две години од мандатот, уште стои како отворено прашање.
Иако во кампањата, но и потоа, Арсовска ветуваше бесплатен јавен превоз до втората половина на 2023 година, сега, најновите најави за бесплатно возење во автобуси се поместија за 2024 година. Арсовска пак, на последната изјава за медиумите прстот го впери кон советниците – Тие биле виновни зошто не се носел планот за бесплатен јавен превоз.
Град Скопје и Арсовска еден месец одбиваат да ги одговорат прашањата на А1он: Кога ќе се воведе бесплатниот градски превоз, колку пари досега се потрошени и која е сумата која треба да се одвои за овој проектот ветен во предизборието. Шефицата за односи со јавност на градот, Кристина Депо иако кажа дека одговорите биле подготвени, уште одговор нема. Нејзиното последно ветување беше дека веднаш ќе ги дадат одговорите со образложение: „Не знам зошто не се пратени одговорите. Им реков на службите да ви ги пратат преку мејл. Веднаш ќе проверам“.
Ова беше и последниот одговор кој го добивме од неа, кога А1он пред градските бараки чекаше одговори после речиси цел месец откако се испратени прашањата. Од тогаш, Депо одбива било каков вид на комуникација со А1он.
Експертите пак, предупредуваат дека на оваа тема не треба ниту да се разговара, бидејќи нема да ги реши проблемите на граѓаните. Според професорот Никола Крстаноски, кој на битолскиот технички факултет предава предмети за јавен градски превоз, освен банкрот на Град Скопје, ништо друго не би можело да се случи. За редовен превоз, според Крстаноски, мора да има и нови траси, но и друг систем освен автобускиот, бидејќи така би се решил проблемот со метежот. БРТ системот, вели професорот, е едно од решенијата кои требало да се реализираат, бидејќи тој јавен превоз нема да има застој во секојдневните метежи по скопските улици.
Јавното сообраќајно претпријатие со овој проект би доживеало поголеми трансформации. Нема да ги добива ниту парите од билетите, кои не се ниту блиску до она што значи дневни трошоци на претпријатието. Сепак, од таму за А1он велат дека ќе мора да го почитуваат она што ќе го донесе градот како одлука.
„Ние сме само извршители. Она што ќе го изгласа советот, ние сме должни да го реализираме“, велат од ЈСП.
Дека Арсовска наидува на целосна блокада за нејзините идеи кога станува збор за градското собрание, демантира изјавата на советникот Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“. Тој како еко активист, вели дека ова е за поздравување, но дека се работи за невозможна мисија.
Ветениот бесплатен превоз, жителите на Скопје добија само во денови кога е загадено и за бела ноќ. Автобуси повторно се чекаат во редици и повторно како до сега, со наплата на билети. Оние кои имаат бесплатен јавен превоз се бројат на една рака: Луксембург, која е мала држава, градот Талин во Естонија, чии резултати не се според очекуваното, бидејќи намалувањето на возење автомобили на сметка на автобуски превоз е 2 до 3 отсто, како и Малта, која е меѓу последните што на целиот остров воведе бесплатен јавен превоз. Градот Лион пак, по процените, добил резултат дека е невозможно да се воведе јавен превоз кој граѓаните би го користеле без да плаќаат.
Со овој текст, А1он.мк се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.