Генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ повеќе не е независен член на Надзорниот одбор на Стопанска банка АД Битола, извести компанијата до инвеститорите преки Македонската берза.
Еден од највлијателните функционери на СДМС, Миле Зечевиќ, кој ја извршуваше и функцијата претседател на Надзорниот одбор на банката, може повторно да биде назначен затоа што во тек е финализирање на постапката за добивање на претходна согласност од Народната банка за повторно именување за независен член на Надзорниот одбор.
„Ве известуваме дека поради истек на мандат на ден 16.7.2023 година согласно Решение за издавање претходна согласност од Народна банка на Република Северна Македонија бр. 15-12433/5 од 15.7.2019 година, г. Иванчо Велјановски повеќе не е член на Нaдзорниот Одбор на Стопанска банка а.д. Битола.
Воедно, Ве известуваме дека поради истек на мандат на ден 16.7.2023 година согласно Решение за издавање претходна согласност од Народна банка на Република Северна Македонија бр. 15-12647/9 од 15.7.2019 година, г. Миле Зечевиќ повеќе не е независен член на Надзорниот Одбор на Стопанска банка а.д. Битола.
До финализирање на постапката која е во тек за добивање на претходна согласност од Народна банка на Република Северна Македонија за повторно именување на г. Миле Зечевиќ за независен член на Надзорен одбор кој истовремено ја извршуваше функцијата претседател на Надзорниот одбор, со Одлука од Надзорниот одбор на Стопанска Банка а.д. Битола за времено именување на заменик претседател од редот на своите членови ја именува г-ѓа Гордана Гацева“, стои во објавата од Стопанска банка Битола.
Зечевиќ во 2019 година дојде на оваа функција како предлог на АД „Пелистерка“ чиј сопственик е Цветан Панделески. Неговиот син, Дејан Панделески е добар пријател со Зечевиќ, а е кумашин на поранешниот министер за транспорт и врски од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески.
Како член на Надзорен одбор, Зечевиќ добиваше месечен надомест од 50.000 денари.