Како дел од националната кампања на Агенцијата за млади и спорт (АМС) против допингот во спортот, во конференциската сала на Општина Кисела Вода вчера беше одржано предавање на кое тимот предавачи предводен од доктор Илија Стоилов ги информираше ракометарите од Спортската академија за штетноста од користење допинг.
– Чистиот спорт подразбира заштита на интегритетот на спортот, заштита на физичкото здравје и менталниот интегритет на спортистите, и обезбедување на еднакви услови за сите натпреварувачи така што резултатите ќе бидат фер рефлексија на природните способности на натпреварувачите. Со оваа кампања ќе бидат заштитени и спортистите кои ненамерно, од незнаење за забранетите супстанци, прават допинг прекршок. Секое користење на допинг средства претставува директно и потенцијално загрозување на здравјето за кое не сме свесни за последиците кои можат да настанат од самото користење, истакна Стоилов.
Предавањето е дел од Националната кампања на АМС против користење недозволени допинг супстанции со поддршка од „Фондот за елиминација на допингот од спортот“ на УНЕСКО каде што целна група се спортисти, спортскиот персонал и медицинските лица вклучени во тренажниот процес, националните спортски федерации, клубовите, спортистите.
Целта на кампањата е низ ваквите семинари и работилници, како и преку печатените материјали и медиумската кампања да се подигне свеста за штетните последици од допингувањето, свеста за важноста од зачувувањето и негувањето на спортската етика и фер-плејот, како и свеста за последиците по кариерата на спортистите кои произлегуваат кога надлежните ќе констатираат употреба на недозволени допинг средства и методи.
Кампањата ќе трае до март 2015 година.