И покрај храбрата и солидна игра и големата желба, засилена од сознанието дека капитенот Горан Пандев го игра последниот натпревар во репрезентативниот дрес, нашите фудбалери не успеаја да го освојат првиот бод во премиерниот настап на континенталните шампионати, откако вечерва на Амстердам Арена загубија од домаќинот Холандија со 3:0.
Македонија имаше неколку одлични шанси, погодена статива и два поништени гола, додека Холанѓаните, чиј прв гол беше спорен поради фаул во акцијата, ги казнуваа грешките на нашиот тим и со сигурна и брза игра, речиси рутински стигнаа до трите бода со кои го потврдуваат првото место во групата.
Избраниците на Игор Ангеловски имаа периоди на одлична игра и создаваа шанси, најмногу во првиот дел, но Холандија имаше подобра реализација и поведе во 24 минута, со голот на Мемфис Депај.
Во вториот дел, искусните Холанѓани продолжија да го диктираат темпото, чекајќи киксови во нашата одбрана, а за нас кобен беше Џорџинио Вајналдум, кој двапати ја тресеше мрежата на Столе Димитриевски, во 51-та и 58-та минута.