Светскиот првак Франција продолжува супериорно во четвртфиналето на Светското првенство во Катар. „Триколорите“ ја совладаа Полска со 3-1 и го очекуваат победникот од дуелот меѓу Англија и Сенегал во следната рунда од Мундијалот.
Полска можеше прва до водство, но шутот на Зиелински го одбрани Лорис, а потоа и Варан расчисти на гол-линијата. Во 44.минута, Мбапе го проигра Оливие Жиру, а тој ја погоди мрежата и стана најдобар стрелец во историјата на француската репрезентација.
Во вториот дел, шоу имаше Килијан Мбапе. Тој постигна два прекрасни гола во 74. и во 91. минута од дуелот за убедлив триумф на Франција.
Во 98.минута беше досуден пенал за Полска. Хуго Лорис го одбрани првиот обид на Роберт Левандовски, но излезе надвор од гол-линијата. Во вториот обид Левандовски сепак успеа да постигне погодок за крај на мечот.