Европската фудбалска асоцијација донесе одлука за зголемување на исплатата на репрезентациите кои учествуваат на Европското првенство за жени.
На вчерашниот состанок во Кишињев, Извршниот комитет на УЕФА, одобри значително зголемување на исплатата на сите учесници во женското ЕП 2022, што ќе се одржи во Англија следното лето, како и нов модел на распределба на средствата.
На 16 учеснички на женското ЕП 2022 ќе им бидат доделени 16 милиони евра, двојно повеќе од вкупниот фонд за награда од 8 милиони евра распределен од Евро 2017 во Холандија.
Распределбата на средствата вклучува зголемени гарантирани суми и бонуси за резултати во групната фаза.
Покрај тоа, Извршниот комитет на УЕФА за прв пат го одобри воведувањето на програма за стимулација на клубови, обезбедувајќи значителни 4,5 милиони евра за наградување на европските клубови чии фудбалерки ќе се натпреваруваат во женското финале на Евро 2022 година.
Зголемувањето на финансиските плаќања и воведувањето програма за стимулирање на клубовите се клучните иницијативи во женската фудбалска стратегија на УЕФА „TimeForAction“, обезбедувајќи им на женскиот фудбал повеќе средства од кога било досега, се вели во соопштението на УЕФА.