Надежите на Австралија за прва титула од Светско првенство претрпеа удар, откако Бен Симонс одби да учествува на Мундијалот 2019 во Кина, за да се подготви за претстојната НБА сезона. Симонс, кој во вторникот потпиша максимален договор со Филаделфија 76-ерс, изјави дека зел „тешка“ одлука да го пропушти Светското првенство од 31 август до 15 септември, откако се консултирал со своите претставници.
– Многу сум возбуден поради талентот што го имаме, особено во 2020 година, кога ќе ја имам честа и привилегијата да ја претставам мојата земја на најголемата спортска сцена на Олимписките игри во Токио. На крајот, решивме дека ќе биде најдобро за мене да го искористам моето време во септември за да се вратам во Филаделфија и да ги запознаам моите нови соиграчи, како и да се подготвам за новата сезона, изјави 22-годишниот кошаркар.
Изјавата дојде неколку часа откако Филаделфија потврди дека тој потпишал со тимот до 2024/2025 – договор вреден 170 милиони долари, најскап за австралиски спортист. Бекот, избрани под број 1 на НБА Драфтот во 2016 година, имаше во просек 16,9 поени, 8,8 скока и 7,7 асистенции по меч со што си освои прв повик за Натпреварот на ѕвездите во својата втора сезона како професионалец.
Оскар Робертсон, член на Домот на славните, е единствениот играч во историјата на НБА кој има слични показатели во првите две сезони во лигата. Дури и без Симонс, австралискиот тим ќе биде еден од најсилните во Кина со НБА играчи како Ендру Богот, Џон Инглс, Пети Милс, Арон Беинс и Метју Делаведова. Симонс објави дека ќе игра на контролните пред Светското првенство со САД и Канада, односно во Перт и Мелбурн следниот месец. Австралијците се во групата Х заедно со екипите на Канада, Сенегал и Литванија. Првиот натпревар за тимот е против Канада на 1 септември во Донгуан.