Фудбалската репрезентација на Хрватска со победата над Украина во последното коло од квалификациите, обезбеди пласман во баражот за Светското првенство во Русија 2018.
На два дена пред одигрувањето на дуелот со Украина, Хрватскиот фудбалски сојуз го смени селекторот Анте Чачиќ и го назначи Златко Далиќ на таа функција.
Во текот на денешниот ден се појавија информации дека познатиот фудбалски тренер Карло Анчелоти ќе седне на клупата на Хрватска. Но, брзо стигна демант.
– Разочаран сум што светски угледни медиуми како „Газета дело спорт“ се извор на дезинформација. Можам само да кажам дека селектор на хрватската репрезентација е Златко Далиќ и дека сме сконцентрирани само на бараж дуелите против Грција, изјави претседателот на Хрватскиот фудбалски сојуз, Давор Шукер.
Првиот натпревар Хрватска и Грција го играат на 9 ноември, а реваншот е три дена подоцна. Дополнително ќе бидат одредени стадионите на кои ќе се играат натпреварите.