Севернокорејската олимписка репрезентација се враќа од Зимските олимписки игри во Пјонгчанг без ниту еден медал, а одредени медиуми пишуваат дека по враќањето дома ги чека остра казна.
Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун испрати 22 спортисти и армија од 280 навивачки во надеж дека неговата земја ќе оствари некаков историски успех на Олимписките игри во Јужна Кореја.
„Дејли мејл“ пишува дека по враќањето без медали, можно е спортистите да завршат во некој од севернокорејските казнени затвори.
Севернокорејскиот режим е познат по острите казни, а многу извештаи говорат за тао дека цели спортски тимови јавно се осрамотени бидејќи лошо се покажале на меѓународни натпреварувања.
Дедото на Ким Џонг-ун, наводно ја уапсил и затворил во работнички камп фудбалската репрезентација откако испадна од Светското првенство.
Се шпекулира дека фудбалерите премногу се забавувале пред натпреварот во второто коло со жени и алкохол, а по враќањето дома властите ги уапсиле и испратиле во концентрационен логор.
Во книгата „Аквариумите на Пјонгјанг“, Канг Чол Хван, кој побегнал од Северна во Јужна Кореја, открива дека еден член од фудбалската репрезентација станал познат дека издржува многу мачење, па добил прекар „буба шваба“, бидејќи јадел инсекти за да преживее.
Во 2010 година имаше тврдења дека владата го казнила тренерот на фудбалската репрезентација и играчите откако ги изгубија сите три натпревари на Светското првенство во Јужна Африка.
Играчите тогаш подлежеле на остра идеолошка критика бидејќи примија најмногу голови од сите учесници, а селекторот на тимот изјави дека е јавно осрамотен и осуден на тешка работа.
За севернокорејските власти е важно спортските тимови да остваруваат победи, а како доказ за тоа е и фактот дека се спремни да лажираат снимки од натпревари за да изгледа дека победиле.