Металург претрпе пораз од 27:32 на натпреварот во Скопје против Нексе Нашице во рамките на третото коло на СЕХА лигата.
По почетното водство на гостите од Хрватска, ракометарите на Металург во десетата минута успеаа да израмнат на 5:5. Неколку минути се играше гол за гол, а избраниците на Данило Брестовац со серија грешки повторно му дозволија на Нексе да поведе и на паузата да замине со предност од 12:16.
Во второто полувреме Металург се обиде да се врати во игра и ја намали разликата на еден гол негатива на десет минути пред крајот на натпреварот, но хрватскиот тим не допушти можност за резултатски пресврт.
Нексе до крајот на натпреварот ја зачува и зголеми предноста, а на крајот оствари победа од 27:32.
Металург по три кола во регионалната лига има три порази.