Македонското здружение за заштита и спасување во планина и непристапен терен „Асклепиј“ стана првата организација во Македонија која е членка на Меѓународната комисија за алпско спасување ICAR-CISA (International Commission for Alpine Rescue).
Заложбата и трудот на македонските алпинисти кон високите критериуми во овој сегмент на работа, како што информираат од „Асклепиј“, биле потврдени на неодамнешниот состанок на Управниот одбор на ICAR-CISA со донесување на позитивна одлука за членство.
„Асклепиј“ е формиран во 2005 година од македонски алпинисти, поради потребата од сериозен пристап во планинското спасување и достигнување на меѓународно признаени стандарди и пракси.
Меѓународната комисија за алпско спасување е независна, светска организација која ги почитува своите членови и ја промовира меѓународната соработка.