Првиот викенд на Зимските олимписки игри во Пекинг поминува во знакот на големиот студ во Кина, но и на многу жалби на спортистите – Швеѓаните се жалат на греењето, Русите и Полјаците на хотелите во карантин, Германците на храна, додека Финците тврдат дека се загрозени нивните човекови права поради изолацијата на нивниот хокеарски тим.
Швеѓаните беа лути откако нивната натпреварувачка во скиатлонот во саботата Фрида Карлсон колабираше откако заврши петта на трката на 15 километри на планината Жангиџаку, каде што температурата беше -24 степени и покрај тоа што правилата на Интернационалната скијачка федерација (ФИС) дозволува скијање само до -20 степени.
„Има лимит за температурата, но кој го мери ветерот. Ако ФИС вели дека е -17 и има ветер, а со ветерот е -35, што да правиме тогаш“, вели шведскиот тренер Андерс Бистрем.
Поголеми проблеми претставуваат условите за спортистите во изолација. Повеќе од 350 учесници на Олимпијадата, од кои десетина спортисти беа позитивни од 23 јануари, и дел од спортистите мораат да поминат во изолација во олимпиското село, но други се однесени во хотели за карантин.
Јука Јалонен, тренерот на финскиот машки хокеарски тим ја обвини Кина дека ги прекршува правата на неговите хокеари, откако го држеа Марко Антила во изолација иако неговиот последен позитивен тест беше пред 18 дена.
„Знаеме дека е целосно здрав и тоа значи дека Кина не му ги почитува човековите права. Медицински тој веќе не е заразен, не сфаќам што се случува“, вели Јалонен.
Сличен проблем има и полската натпреварувачка во брзо лизгање на кратки патеки, Наталија Малишевска, на која прво и беше дозволено да учествува на трката на 500 метри во саботата, а потоа пред стартот неколку часа подоцна беше изолирана по позитивен тест.
Руската биатлонка Валерина Васнецова исто така е во хотел за карантин и вели дека состојбата е очајна.
„Плачам секој ден, зошто се однесуваат вака со нас спортистите“, изјави Васнецова.
Германскиот скијачки тренер, Кристијан Швајгер, пак се жали на храната која ја добиваат скијачите за одложениот спуст.
„Исхраната е многу сомнителна. Очекував олимпискиот комитет да е способен да им даде топол оброк на спортисите. Наместо тоа има чипс, ореви и чоколадо. Смешно“, изјави Швајгер.