Мароко направи вистински подвиг и ги заврши натпреварувањата во групата Ф на Мундијалот во Катар на првото место, откако со 2:1 им го нанесоа третиот пораз на Канаѓаните, а Хрватска издржа за 0:0 реми против Белгија, за да ги елиминира фаворизираните „ѓаволи“ кои се враќаат дома по хаотичното првенство во кое беа на насловните страници поради конфликтите и нарушените човечки односи.
Мароко уште во четвртата минута стигна до водство против Канада, откако Хаким Зијеш ја искористи катастрофалната грешка на голманот Милан Борјан. Во 23. минута од мечот, Јусеф Ел-Несири го удвои водството по асистенцијата на Ашраф Хакими, но во 40. минута од мечот Наиф Агуер си постигна автогол за 2:1. До крајот на мечот, Мароканците останаа сигурни и така го запечатија првото место на табелата.
Белгија и Хрватска, пак, во директен дуел го одредуваа вториот патник – на Белгијците им беше потребна победа, а Хрватите одеа понатаму и со реми. Во првото полувреме најконтроверзниот момент беше досудениот пенал на судијата Ентони Тејлор за Хрватска, кој потоа беше поништен откако ВАР-снимката покажа дека има минијатурен офсајд.
Белгија тргна во офанзива во второто полувреме со влегувањето на Ромелу Лукаку во игра, но токму напаѓачот на Интер стана трагичар на својата репрезентација, откако имаше низа промашувања пред хрватскиот гол. Прво тој ја погоди стативата по одличната акција на Кевин де Брујне, за потоа моменти подоцна да шутира високо на голот. Во последните минути од мечот, тој пак беше во совршена ситуација пред празен гол, но не се снајде најдобро.
Хрватска, како второпласирана во групата, најаверојатно ќе игра против Шпанија, како првопласирана во групата Е, додека Мароко ќе игра со второпласираниот, Германија, Јапонија или Костарика.