На 8. август во центарот на Охрид кошаркарските фанови, но и сите љубители на спортот и добрата забава, ќе имаат ексклузивна можност да бидат дел од овогодинешната „TROPHY TOUR“ – турнеја на ЕУРО БАСКЕТ-трофејот.
Во секоја земја-учесник на ЕУРО БАСКЕТ 2015, Националната кошаркарска федерација и партнерите на ЕУРО БАСКЕТ го презентираат Трофејот на ЕУРО БАСКЕТ 2015. Освен промоција на Европското првенство и учеството на националната селекција, со овој настан се промовира и самиот домаќин на Трофејот преку видеоклип изработен од ФИБА во кој ќе бидат претставени културно-историските знаменитости и убавини на земјата.
Воедно, фановите и граѓаните ќе имаат шанса да се сликаат со Трофејот и Маскотата на ЕУРО БАСКЕТОТ – „FRENKIE“, како и да се дружат со кошаркарските легенди и активните репрезентативци кои ќе бидат поканети да се приклучат на настанот.
„ТROPHY TOUR“ – турнејата на ФИБА-трофејот започна на 19 мај во Рига (Литванија) и откако ќе пропатува низ сите земји-учеснички на ЕУРО БАСКЕТ 2015, ќе заврши на 30 август во Келн (Германија). Во Македонија трофејот ќе пристигне од Варшава (Полска), а потоа ќе биде испратен кон Антверпен (Белгија).
Овој трофеј е изработен од најфини материјали – злато и сребро во комбинација со 24 скапоцени камења, а негов автор е германскиот златар Гинтер Шобел. Трофејот тежи 18кг, висок е 23cм, со дијаметар од 35см и е поставен на мермерно подножје. Именуван е по Николај Семашко (1907-1976) кој бил поранешен претседател на Советскиот спортски комитет и потпретседател на ФИБА од 1960-1976 година, а од 2007 година е и член на Куќата на славните на ФИБА.
ЕУРО БАСКЕТ, порано нарекуван Европско кошаркарско првенство, е најзначајното натпреварување во репрезентативната кошарка во организација на ФИБА Европа.