ДиАнџело Расел не го напушти Лос Анџелес на најдобар можен начин во 2017 година, а само две сезони подоцна, неговото враќање во составот на Лејкерс повторно е на дневен ред, соопштува „ЕСПН“. 23-годишниот бек одигра две прилично стабилни сезони во редовите на Бруклин, а во 2018/2019 ја запиша најдобрата кампања кај професионалците (21,1 поени, 7,0 асистенции, 3,9 скока, 1,2 украдени топки и учество во Натпреварот на ѕвездите).
Расел си замина од „езерџиите“, откако ја загуби довербата на сите во соблекувалната, но неговиот развој откако не е дел од составот на Лос Анџелес го обновил интересот на неговиот поранешен тим. Бекот ќе биде слободен агент во текот на летото, а неговото име е исто така поврзано со екипите на Њујорк Никс и Феникс Санс.
Реално, иднината на Расел кај „мрежите“ во голема мера зависи од тоа дали Каири Ирвинг и Кевин Дурант навистина би се приклучиле на Бруклин, но е факт дека Лејкерс ја следи ситуацијата околу вториот избор на Драфтот во 2015 година.