Порнешниот германски репрезентативец, Јирген Клинсман вели дека ќе му се јави на иранскиот селектор Карлос Кеирош, откако беше критикуван за неговиот коментар за иранската „култура“ при 2:0 победата над Велс, што предизвика Иранската фудбалска федерација официјално да побара од ФИФА да го тргне од техничката група за Мундијалот во Катар.
Кеирош беше лут откако Клинсман како коментатор на „Би-би-си“ оцени дека Иранците го „работеле“ судијата и дека играле нефер, но и дека тоа е дел од нивната култура. Клинсман смета дека тоа е погрешно толкување на неговата изјава.
„Имаше работи кои навистина беа извадени од контекст. Ќе се обидам да се слушнм со него денеска да ги смирам работите. Никогаш не го критикував Карлос, ниту иранската клупа. Некои дури сметаа дека го критикував судијата бидејќи тој не направи ништо за тоа што се случуваше на клупата. Само го објаснив нивното емотивно работење, што всушност е нешто на што можеме да се восхитуваме на одреден начин. Целата клупа го игра мечот, скокаат, и Карлос е емотивен тренер, кој постојано се обидува да им пренесе идеи и енергија на своите играчи“, вели Клинсман.