Селекторот на кошаркарската репрезентација на Србија, Александар Ѓорѓевиќ, денеска објави дека ја напушта клупата на националниот тим.
„Да, така е, јас си заминувам“, соопшти Ѓорѓевиќ на прашање на новинарите по натпреварот против Чешка.
Репрезентацијата на Србија денеска ја совлада Чешка во Пекинг со 90-81 и заврши на петтото место на Светското во Кина, а тој натпревар беше последен за Ѓорѓевиќ на клупата на „орлите“.
Откако накратко им потврди на странските новинари дека повеќе нема да биде тренер на Србија, Ѓорѓевиќ потоа ја објасни својата одлука во разговор со претставниците на српските медиуми.
– Да, веќе им кажав на играчите, мислам дека е време. Немаше разговор за мое продолжување или не. На мене останува да се повлечам и да не очекувам разговор. Нема потреба. Знам кога треба човек или тренер да го направи првиот чекор. Во овој момент, чувствувам обврска да го сторам тоа. За жал, заминувам во време кога не успеавме да ја постигнеме нашата цел, рече Ѓорѓевиќ, цитиран од српските медиуми.
Тој додаде дека ја донел таа одлука пред да започне Светското првенство во Кина.
Александар Ѓорѓевиќ е на клупата на српската селекција од ноември 2013 година и има освоено три сребрени медали со репрезентацијата: СП 2014 година, ОИ 2016 година и ЕП 2017 година.