Компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“ соопштија денеска дека склучиле меморандум за разбирање со Меѓународниот олимписки комитет (МОК) за донација од вакцини против коронавирусот за спортистите и делегациите од сите земји учеснички на претстојните Олимписки игри во Токио.
Двете компании ќе ги „координираат своите активности со националните олимписки комитети ширум светот“, а првите испораки на нивната вакцина ќе започнат на крајот од мај.
Имунизацијата не е задолжителна за учесниците на Олимпијадата во Токио, но МОК ги поттикнува националните комитети да ги вакцинираат своите спортисти.
– Оваа донација вакцини е уште еден инструмент во спектарот мерки претстојните Олимписки и Параолимписки игри во Токио да бидат безбедни за сите учесници и, во исто време, ја покажува нашата солидарност со нашиот домаќин Јапонија, изјави претседателот на МОК, Томас Бах.
Се очекува околу 11.000 спортисти да настапат на ОИ во јапонската престолнина од 23 јули до 8 август.