Поранешната број 1 во светот, Викторија Азаренка (Белорусија) се пласира во четвртфиналето на турнирот во германскиот град Штутгарт со награден фонд од 886.077 долари.
Азаренка ја отстрани минатогодишната шампионка и поставена под број 4 Каролина Плишкова (Чешка) со 4:6, 6:3, 6:4 по малку повеќе од два часа игра. Со успехот, натпреварувачката од Белорусија си обезбеди враќање во топ 50 листата на ВТА.
Азаренка запиша прв успех на земја над тенисерка од топ 5 на светската ВТА листа од 2015 година во Рим.
– Мислам дека целиот натпревар беше на многу високо ниво. Имаше многу винери, многу добри сервиси, асови, агресија и од двете страни. На почетокот на третиот сет таа ме притисна, имав два тешки сервис-гема, во едниот од кои спасив и две можности за брејк. Но зачував концентрација, се извлеков од најтешките ситуации и ги искористив шансите кога дојдоа. Во последниот гем успеав да пласирам неколку добри ретурни, ја поставив под притисок и успеав, прокоментира Азаренка.
Во четвртфиналето ќе се сретне осмата носителка Анет Контавеит (Естонија).