Ако во првото коло од Светското првенство во Катар, Англичаните беа убедливи при 6:2 победата над Иран, дуелот со своите поранешни „колонии“ САД помина многу поинаку и „јенките“ можат да жалат што мечот заврши со 0:0, со што во последното коло ќе се одредуваат патниците за нокаут фазата.
Англичаните ја имаа првата голема шанса во деветтата минута од мечот, кога обидот на Хери Кејн беше изблокиран, а Американците вратија преку Вестон Меккени во 26. минута, по што до крајот на полувремето беа поконкретни и во 32. минута ја имаа најдобрата шанса на мечот, кога Кристијан Пулишиќ ја погоди пречката со силен удар. Англија имаше повеќе од играта и од поседот на топката во второто полувреме, но патот до американскиот гол остана изблокиран. Кејн повторно беше најопасен и во судското продолжение по еден прекин на игра со глава не беше прецизен.
Англија останува на првото место на табелата со најмногу шанси за пласман со 4 поени, Иран има 3, Американците 2 поени по две ремија и Велс се послдни со еден поен. Во последното коло, САД играат со Иран, додека во островска битка, Англија ќе се „судри“ со Велс.
Извор: Топспорт