280 триатлонци од осум европски држави ќе стартуваат утре, 14 мај, во 8.30 часот на третата Stopanska Triogy Triathlon 2023 во Скопје.
Триатлонската трка ќе се одржи во СЦ „Борис Трајковски“ (делот на пливањето), долж булеварот Илинден ќе биде сегментот на велосипедизмот, а трчањето – околу СЦ „Борис Трајковски“.
Организатор на трката е СТК „Триоги Рејсинг“ од Скопје.
-На наша голема радост годинава го надминавме и ланскиот интерес за учество на Stopanska Triogy Triathlon во Скопје. Освен од Македонија, имаме учесници од клубови со кои ние соработуваме во последните неколку години и на чии трки учествуваме – од Србија, Бугарија, Хрватска, Косово, Албанија, но имаме и пријавени учесници од Италија и од Германија. Благодариме на сите што ни помогнаа да го реализираме ова трето триатлонско патешествие. Ова не се едноставни времиња за организирање спортски настани и затоа успехот е поголем да се издржи – вели Данчо Ѓорѓијевски, претседател на клубот и основач на Триоги рејсинг.
За техничката поддршка на трката се погрижи Тратлон федерацијата на Северна Македонија, со цел да обезбедиме трка на која секој натпреварувач би сакал да учествува и да биде реализиран според сите светски стандарди.
Оваа година натпреварувачи кои ќе бидат поделени во неколку категории, во машка и женска конкуренција и тоа:
-Деца 1, родени 2014 г. и помали
-Деца 2, родени од 2011 до 2013 г.
-Кадети, родени од 2008 г. до 2010 г.
-Јуниори, родени од 2004 г. до 2007 г.
-Елитна група (кои ќе се борат за титулата Државен првак на Македонија)
-Мастерс група или ентузијасти родени после 2002 г.