Еден ден по усвојување на платформата за дијалог во Приштина и одржувањето итна седница на Советот за национална безбедност, српскиот претседател Александар Вучиќ рано утринава го прими американскиот подсекретар за политички прашања Дејвид Хејл, кој во српските медиуми беше преставен како „пратеник на Доналд Трамп“.
Во соопштението од кабинетот на српскиот претседател се наведува изјавата на Вучиќ дека „Платформата за дијалог, усвоена вчера во Приштина, во суштина е одлука на Приштина за прекинување на дијалогот со Белград“.
– Претседателот Вучиќ долго време ја предупредуваше високата преставничка на Европската унија за хадворешна политика и безбедност Федерика Могерини и нејзиниот тим дека прифаќањето на оваа платформа не остава простор за компромисно решение и дека таа сама по себе е платформа против дијалог, особено со тврдоглавото одбивање на Приштина да ги укине неразумните и штетни такси за стоки од Србија, се наведува во соопштението.
Претседателот Вучиќ му пренел на потсекретарот во Стејт Департментот, Дејвид Хајл дека Србија во релативно краток рок ќе донесе мерки со кои ќе реагира на неисполнувањето на обврските од Бриселскиот договор, на воведувањето такси и на одлуката на Приштина за прекин на дијалогот со Белград, како и тоа дека ставот на Србија ќе биде одлучен, сериозен, одговорен и цврст, наведуваат од кабинетот на српскиот претседател по средбата со Дејвид Хејл.
Во Твитер објавата на американската амбасада во Белград се наведува дека Хејл на средбата повикал на укинување на таксите на Приштина за српските стоки, но исто така и на прекинување на взаемните провокации и продолжување на дијалогот.
– САД повикуваат на укинување на тарифите, прекинување на взаемните провокации и продолжување на дијалогот. Потсекретарот Хејл во разговорот со претседателот Вучиќ изјави дека САД го ценат партнерството со Србија и сакаат да изградат уште посилни односи, е објавено по денешната средба.
Во пресрет на неговото пристигнување во Белград, Хејл во интервјуто за весникот „Данас“ рече дека постои шанса оваа година да се постигне договор меѓу Белград и Приштина, додавјќи дека САД нема да даваат рецепт за негово решение.
Како што претходно објави Стеј департментот, Хејл во Приштина ќе разговара со косовските лидери за „историската можност за постигнување сеопфатен договор за нормализирање на односите со Србија“, како и за можностите за постигнување на договор.