Стерјовски ја запозна албанската јавност за Конгресот на МАЕИ, зашто албанските медиуми воопшто не информирале

Од:

Пратеникот од редовите на македонската партија, Македонска алијанса за европска интегрција (МАЕИ), Васил Стерјовски на денешната пленарна седница, упати забелешка за тоа дека, со исклучок на неколу портали, „за жал ни еден друг медиум во Албанија не информирал за третиот конгрес на МАЕИ“.

– Затоа ја користам можноста што ми се дава преку говорницата на Парламентот, како претседател на партијата, да ја известам целокупната албанска јавност за одлуките на Конгресот на Македонска алијанса за европска интеграција, рече Стерјовски.

Посочи дека Конгресот ги зацртал основните правци по кои ќе се движи оваа партија.
-Македонците во Албанија се неотуѓив и нераскинлив дел од македонскиот народ во целина, но Албанија е татковина и на Македонците. Македонците во Албанија се нејзини лојални државјани. Така било, така и ќе остане. И Македонците се бореа за слободата на оваа држава, беа дел од антифашистичката коалиција во Втората светска војна и затоа Македонците се вградени во државноста на Република Албанија, рече тој.

Според него, МАЕИ е определена за политики на добрососедство, за продлабочување на евро-атлантската интеграција на Албанија во соработка со стратешките партнери САД и Европската Унија.

Секако, рече, ќе придонесе за унапредување и продлабочување на односите меѓу двете земји и ќе стане мост на соработка помеѓу двата народа и двете држави.

-Наша задача и натаму останува унапредувањето на положбата и правата на Македонците во Албанија. Наша задача е унапредувањето на положбата и правата на сите етнички заедници во Албанија, а заедно со нив, во координација и соработка, да ја градиме државата Албанија,наведе Стерјовски.

Тој кажа дека Конгресот на партијата изгласал Резолуција за унапредување на положбата и правата и слободите на Македонците во Република Албанија во која е зацртно дека Македонците во Република Албанија го почитуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Република Албанија и неповредливоста на нејзините граници.

Исто така дека Македонците во Албанија се залагаат за љубов, мир, толеранција и коегзистенција во албанското општество.

– Македонците во Република Албанија го поттикнуваат развојот на заемните братски и добрососедски односи и се залагаат за унапредување и продлабочување на соработката во сите сфери меѓу Република Албанија и Република Македонија. Бараме признавање на правата и слободите на Македонците на целата територија на Република Албанија, посебно во областите Гора и Голо Брдо, а не само во областа Мала Преспа. Бараме Владата на Република Албанија да вложи во развојот на туризмот, стопанството, патната инфраструктура, водоводот и канализацијата во местата каде што живеат Македонците, во Мала Преспа, Голо Брдо, Гора и Врбник. Бараме соодветна и правична застапеност на Македонците во органите на државната власт и другите јавни институции и во локалната самоуправа на сите нивоа,како и загарантирани места во Собранието на Република Албанија за сите малцинства, нагласи Стерјовски.

Со Резолуцијата, рече тој, инсистираме Собранието на Република Албанија да донесе нова територијална реформа со цел да се оформат две посебни општини во Гора и Голо Брдо.

– Бараме право на образование на мајчин македонски јазик на целата територија на Албанија, во сите степени на образование, во сите места каде што живеат Македонците, право на информирање на државната телевизија и радио со програми на македонски јазик, право на вероисповед на македонски јазик. Македонците и нивните претставници во имплементацијата на оваа Резолуција ќе соработуваат со останатите малцински етнички заедници во Република Албанија и нивните претставници, со институциите на власта на Република Албанија и со меѓународната заедница, посочи Стерјовски.

Тој ги повика сите припадници на националните малцинства во Албанија, Македонците, Грците, Власите, Ромите, Бошњаците, Египтјаните, Црногорците и Србите, но и сите граѓани на Албанија, кои се политички незастепни и непретставени во институциите на власта, да ни се приклучат во Македонска алијанса за европска интеграција и „заедно да се борат за права, слободи, правда, демократија и развој на Албанија, за права, слободи, правда, демократија и развој на малцинствата и на сите граѓани на Република Албанија”.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Децата во Албанија учат дека Косово е Србија

Баша му одговори на Рама: Решението за политичката криза бара политичка волја, а не неискрени покани

Рама ја повика опозицијата на дијалог за изборната реформа, но без условување

Албанија го презеде претседавањето на СЕДМ и на американско-јадранската повелба

Ана Ололовска

Во Драч запленети 11 килограми хероин

Курти: Косово сега не е во можност да и се придружи на Албанија

Ана Ололовска