Одлагањето на почетокот на преговори за членство во ЕУ на Северна Македонија и Албанија, не е во интерес на Бугарија, оцени поранешниот бугарски министер за надворешни работи Соломон Паси, потенцирајќи дека стартот на преговарачкиот процес со двете земји „се одложува по трет пат“.
– По ветото на францускиот претседател (Емануел) Макрон, неговиот (руски) колега Владимир Путин сигурно нарачал чаша шампањ. Кон кого ги туркаме Македонија и Албанија? Дали ги туркаме во рацете на Русија, Турција, Иран? Само сетете се што се направи претседателот Путин за да ја спречи Македонија на нејзиниот пат кон НАТО, изјави Паси.
Како што јави БГНЕС, според поранешниот шеф на бугарската дипломатија, сега се прават сериозни напори Србија да остане во сферата на руско влијание.
– Што можеме да сториме со Макрон и со неговата ирационална одлука? Мислам дека министерката за надворешни работи (на Бугарија), Екатерина Захариева може да го убеди и тој да го промени мислењето, смета Паси.
Според него, Бугарија нема никаков интерес Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово „да се вратат назад“.
– Албанија и Северна Македонија еден ден ќе станат членки на Европската Унија, но прашање е со која брзина ќе се случи тоа, додаде Паси.