Телата на десет удавени лица се извадени од реката Дрина по превртувањето на чамецот во кој група мигранти се обиделе илегално да преминат од Србија во Босна и Херцеговина, соопштија од итните служби.
Припадниците на цивилната одбрана на Република Српска пронашле тела во Дрина кај Братунац, изјави за новинарите шефот на спасувачката екипа Влада Ранкиќ.
Потпретседателот на Владата на Република Србија и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека при пребарувањето на Дрина во областа Љубовија, каде што се превртел чамецот со мигранти, припадниците на МВР го пронашле телото на бебето, додека полицијата на Република Српска го извади телото на уште едно машко лице од Дрина.
„Во пребарувањето на теренот, кој од синоќа интензивно се одвива, припадниците на МВР пронајдоа безживотно тело на деветмесечно бебе во градот Лоњин низводно од Дрина, во близина на брегот, денес околу 15 часот и 30 минути, тоа е десеттата жртва на превртувањето на чамецот со мигранти кои се обиделе да ја преминат оваа река од Србија меѓу градовите Дрлача кај Љубовија и Орлица во општина Зворник.
Бебето било со мајката, чие тело рано денеска беше извлечено од реката. Припадниците на Министерството за внатрешни работи на Република Србија досега извлекле тела на шест мажи, една жена и едно бебе, додека припадниците на полицијата на Република Српска пронашле тела на двајца мажи. Потрагата се уште трае“, изјави Дачиќ.
Во друг чамец имало 14 мигранти од Мароко, кои се приведени, соопшти полицијата во Зворник.
Според мигрантите кои успеале да стигнат до брегот, во чамецот кој се превртил, имало околу 30 лица, а полицијата и пожарникарите на брегот пронашле 18 од нив, од кои три деца, соопшти претходно Министерството за внатрешни работи на Србија.
Спасувачките екипи на цивилната заштита, припадниците на граничната полиција на БиХ и Србија, нуркачи и пожарникари се уште се на терен.