Сакеларопулу: Преку мене се изразува почит и кон правдата и кон современата Гркинка

Од:

Преку моето лице се изразува почит и кон правдата и кон современата Гркинка, вели Екатерини Сакеларопулу за грчката новинска агенција АНА-МПА по предлогот од Кирјакос Мицотакис таа да биде изборот на владејачката партија за претседател на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

-Верувам дека со овој предлог, преку моето лице, се изразува почит како кон правдата, така и кон современата Гркинка. Со чувство на одговорност го прифаќам предлогот и во случај на мој избор, ќе ги посветам сите мои сили за да ја извршувам високата должност, онака како што е утврдено со Уставот. Сметам дека се подразбира и изјавувам дека од тој момент, ќе отсуствувам од моите судски должности, вели Сакеларопулу во изјавата за АНА-МПА.

Опозициските партии во Грција, во текот на денешниот ден ќе одржат состаноци за да ја одредат нивната позиција во однос на предлогот на грчкиот премиер Екатерини Сакеларопулу да биде новиот претседател на Грција.

Претседателот на државата, во Грција го избираат пратениците, а иако мандатот на актуелниот претседател Прокопис Павлопулос истекува кон средината на март, се очекува веќе следната седмица да започнат процедурите во Парламентот.

Согласно уставните измени во Грција, евентуалниот неуспешен обид пратениците да изгласаат претседател на Грција, не е повеќе поврзан со распуштање на Парламентот и одржување предвремени парламентарни избори, како што беше случај пред 5 години.

За избор на претседател на Грција предвидени се најмногу пет гласања во грчкиот Парламент. На првото и второто гласање, потребни се миниум 200 позитивни гласови од 300 пратеници колку што брои Парламентот, а доколку не се собере потребното мнозинство, тогаш бројот се намалува. На третото гласање потребни се 180 позитивни гласови, на четвртото 151, а на петтото и последно, мнозинство од бројот на присутни пратеници. Меѓу секое гласање потребно е да поминат најмалку пет дена.

Очекувањата во Грција се дека Сакеларопулу ќе добие широка поддршка од Парламентот и нема да биде потребно да се одржат сите пет гласања.

Владата има 158 пратеници, ќе ѝ бидат потребни уште 42 од опозициските партии за да биде избран претседател уште при првото гласање.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, вчера, во обраќањето до јавноста, рече дека е време Грција да добие достојна Гркинка на највисоката државна позиција и ја предложи претседателката на Советот на државата Екатерини Сакеларопулу за претседател на земјата, со што за првпат во историјата, Грција е на пат да добие жена шеф на државата

Советот на државата е највисокиот суд во Грција, а Сакеларопулу е првата жена избрана за претседател на судот во 2018.

-Граѓанин е машки род, но демократија, Грција и напредок се женски род и нè повикуваат на големо надминување. Сметам дека е време нашата татковина да добие достојна Гркинка на највисоката државна позиција. Ја предлагам, за претседател на Грција, претседателката на Советот на државата, госпоѓата Екатерини Сакеларопулу. Госпоѓа Сакеларопулу е одличен правник со меѓународни признанија, судија со блескав тек во највисокиот суд, на кој стана и прва жена претседател по предлог на претходниот премиер и со едногласна одлука на неговата влада, рече Мицотакис во обраќањето до јавноста.

Би можело да ве интересира

Тешко повреден со нож 15-годишен Авганистанец во бегалскиот камп Мориа на Лезбос

Ана Ололовска

Грчкиот Парламент го изгласа амандманот за фудбалските клубови

Ана Ололовска

Амандман на грчката Влада за ПАОК и Ксанти да не бидат исфрлени од првата фудбалска лига

Ана Ололовска

Грчкиот Парламент го изгласа законот за додаток од 2000 евра за секое новороденче

Ана Ололовска

Денеска средба Макрон – Мицотакис во Париз

Ана Ололовска

Аеродромите во Грција спроведоа превентивни контроли за коронависрусот